Хагари го повтори повикот до жителите на Газа да заминат на југ

Портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари на денешната прес-конференција истакна дека Хамас продолжува да го користи цивилното население како штит намерно „и на многу суров и брутален начин“.

Тој рече дека актуелниот лидер на Хамас во Газа Синвар „не се грижи за луѓето во Газа“ и додаде дека „намерно ја изградил инфраструктурата на Хамас под домовите на луѓето“.

Хагари потоа го повтори повикот на ИДФ за луѓето од северниот дел на Појасот Газа да се упатат кон југ. Израел го прогласи северниот дел на Газа за зона на евакуација.

Тој претходно потврди дека израелски борбени авиони го извршиле нападот врз бегалскиот камп Џабалија во Газа во кој, како што рече, загинал висок командант на Хамас и предизвикал уривање на подземната инфраструктура на Хамас.

Тој рече дека во нападот загинале и неколку други членови на Хамас кои биле со командантот и „во зградата и под земја“. Хагари информира дека таргетирањето на зградата довело до уривање на други згради, кои, според него, имале „многу обемна инфраструктура“.

– Целта на таа инфраструктура беше да изврши терористички активности против нашите сили, наведе Хагари и додаде дека „целата инфраструктура е урната“.