Хакерски напад на Меркел и стотици германски политичари

Канцеларката Ангела Меркел е меѓу стотициите германски политичари погодени од голем хакерски напад во кој се објавени нивните лични податоци, вклучително и информации за нивните кредитни картички, адресите и броевите на мобилните телефони, како и внатрепартиски документи.

Бројот на факсот, електронската адреса и неколку писма на канцеларката Ангела Меркел се меѓу податоците кои протекле преку профил на Twitter за кој не се знае чиј е. Засега не е познато дали овие писма кои Меркел ги испраќала и примала од други, содржат чувствителни информации.

Берлинското радио Inforadio rbb извести дека хакирањето на личните податоци на стотиците германски политичари на сојузно и покраинско ниво е откриено во четвртокот доцна вечерта. Податоците објавени на Twitter, исто така, содржат адреси, лични посма и копии од лични исправи, наведува редиото.

Погодени се сите поголеми германски партии, освен евроскептичната и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD). Идентитетот на хакерите и нивните мотиви засега не се познати.

Германската министерка за правда Катарина Барлеј го осуди „сериозното“ протекување на личните податоци на политичарите на интернет, оценувајќи дека станува збор за напад врз демократијата.

„Извршителите на нападот сакаат да ја нарушат довербата во нашата демократија и во нашите институции. На криминалците и на оние кои ги поддржуваат не смее да им се дозволи да ја диктираат која и да е расправа во нашата земја“, вели министерката додавајќи дека сторителот или повеќето од нив, мора итно да бидат пронајдени и да се откријат мотивите кои стојат зад овој напад.