Хамас е подготвен да ги ослободи заложниците доколку престане бомбардирањето, вели Иран

Иранското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Хамас е потенцијално подготвен да ги ослободи 200-те заложници што ги држи доколку Израел престане да го бомбардира Појасот Газа.

Ова го изјави на прес-конференција портпаролот на Министерството, Насер Канани, додека Хамас не ја потврди таквата понуда.

Претставници на Хамас изразија подготвеност да ги ослободат цивилите и војниците „држани од групите на отпорот, но нагласија дека таквите мерки бараат подготовки кои се невозможни додека „ционистите бомбардираат различни делови на Газа секој ден“, рече портпаролот Канани.

Хамас соопшти дека ќе ги замени заробениците за илјадници Палестинци кои ги држи Израел.

Иран, главниот спонзор на Хамас, предупреди дека би можелo да започне војна доколку Израел започне копнена офанзива во наредните денови.