Шесткратниот Формула 1 шампион, Луис Хамилтон упати остри критики кон своите колеги од Ф1 бидејќи како што вели тој, молчат и не се огласуваат по смртта на Џорџ Флојд и која го запали САД.
Флојд почина како последица на полициската бруталност, откако полицаецот Дерек Човин осум минути со коленото го притискаше вратот на несреќниот Флојд.
Ова убиство предизвика големи демонстрации ширум САД поради полициската бруталност, но и дискриминацијата бидејќи ова не е прв пат невооружен Афроамерикаец да биде жртва поради бојата на кожата.Голем дел од спортистите ширум светот реагираа преку социјалните мрежи, а Хамилтон е разочаран бидејќи ниту еден возач од Ф1 шампионатот не реагираше.
– Ве гледам сите вас кои не рековте ништо, некои од вас се најголеми ѕвезди, а сепак молчите. Ниту глас од мојата индустрија во која доминираат белците. Јас сум единствениот обоен човек во индустријата и повторно стојам сам – изјави возачот на Мерцедес.