Хамнеи порача дека нормализирањето на односите со Израел е „обложување на губитнички коњ“

Врховниот ирански водача ајатолахот Али Хамнеи изјави дека земјите кои сакаат да ги нормализираат односите со Израел „се обложуваат на губитнички коњ“, објавија во вторник државните медиуми.

„Дефинитивната позиција на Исламската Република е дека земјите кои се коцкаат на нормализацијата со Израел ќе загубат. Тие се обложуваат на губитнички коњ“, рече Хамнеи.

Рамковниот договор со посредство на САД за обновување на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија би можел да биде постигнат до почетокот на следната година, изјави минатиот месец израелскиот министер за надворешни работи, откако трите земји одобрија напредок во сложените разговори.

Во април годинава израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нормализирањето на односите со Саудиска Арабија ќе претставува „огромен чекор“ кон ставање крај на арапско-израелскиот конфликт.

Израел има воспоставено дипломатски односи со неколку арапски земји од 2020 година, вклучувајќи ги и саудиските соседи Обединетите Арапски Емирати и Бахреин. Сепак, Ријад се воздржа од признавање на Израел и вели дека таквиот потег треба да се поврзе со решавањето на палестинските желби за формирање независна држава.

Нормализацијата меѓу Израел и Саудиска Арабија драматично ќе го преобликува Блискиот исток со формално обединување на двата главни партнери на САД против Иран, што во Вашингтон се доживува како наводна надворешнополитичка победа за претседателот Џо Бајден, кој бара реизбор кон крајот на 2024 година.

Меѓутоа, во март Иран, главниот регионален ривал на Израел, ги обнови дипломатските односи со Саудиска Арабија со кинеско посредување, што беше удар за напорите на Нетанјаху. Иранската амбасада во Ријад беше отворена по седум години. Саудиска Арабија, исто така, станува сѐ поблиска со блокот земји БРИКС, во кој се Кина и Русија, а Ријад тесно соработува со Москва во испораките на нафта на глобалните пазари со цел да се одржи високата цена, а со Пекинг склучи повеќе големи договори за кинески или заеднички вложувања.