Белгискиот експерт, Петер Ванхоуте, во наредните денови ќе оствари серија средби со раководствата на четирите партии, за подготовка на клучната лидерска средба закажана на 29 јуни, пишува „Дојче веле“.
Како што информира „Дојче веле“ лидерската четворка ќе упати покана до еврокомесарот Јоханес Хан и до европратеничката тројка Едварт Кукан, Ричарт Ховит и Иво Вајгл, за присуство на средбата на 29 јуни. Доколку некој од нив поради службени активности не може да допатува во Скопје на тој датум, можно е лидерската средба да биде поместена за ден-два подоцна
Крајот на месецот, се смета за последен рок до кој лидерите треба да се усогласат околу финалниот договор, бидејќи наредниот месец веќе ќе започне подготовката на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, со кој ќе се одлучи дали земјата ќе ја задржи или ќе ја изгуби препораката за почеток на преговори. По неуспехот на разговорите во Брисел и со претстојниот ризик за губење на препораката, лидерите деновиве демонстрираа волја за одредени отстапки од првично декларираните тврди позиции во преговорите, со цел да и овозможат на земјата да продолжи по патот за интеграција во ЕУ.