Хан: Западен Балкан припаѓа на Европа, напорите на земјите ќе бидат препознаени

Европскиот комесар за буџет и администрација, Јоханес Хан изјави дека Западен Балкан припаѓа на Европа и дека напорите на земјите во тој регион ќе бидат препознаени.

Тој за хрватски „Експрес“ рече дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е процес заснован на заслуги и дека како таков е во вистински интерес на ЕУ.

– Станува збор за „извоз на стабилност наместо увоз на нестабилност“ – рече Јоханес Хан, кој исто така е поранешен комесар за европска добрососедска политика и преговори за проширување.

Тој им порача на „пријателите од Балканот“ да продолжат со реформите на европскиот пат и дека овие напори ќе бидат препознаени.

Австриецот потсети дека минатиот месец ЕУ одлучи да ги отвори преговорите за пристапување со Албанија и Северна Македонија, и покрај кризата поради пандемијата од коронавирусот.

Тој додаде дека со репрограмирање на финансиските ресурси и дополнителни мерки, како што е укинување на забраната за извоз на медицински помагала, ЕУ јасно покажа дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ.