Хаос во Влада, одговорност за бегството на Мијалков се бара и од Заев

Бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, покрај бламажата и газење по довербата во институциите, која и онака беше разнишана, предизвика и судири меѓу високи функциониери на владејачката СДСМ, но и кај нејзините коалициони партнери.

Оливер Спасовски како една од најзначајните карики во инситуционалниот систем кој требаше да го спречи „ненадејното“ исчезнување на Мијалков, утрово поднел оставка, но оваа информација сѐ уште не ја потврдуваат од Владата, но ниту пак, ја демантираат.

Упатени извори на Нетпрес информираат дека премиерот Зоран Заев, свикал состанок во Владата, со претставници на институциите директно одговорни и инволвирани во случајот (двајца министри, неколку директори на агенции, први лица во обвинителствата и судовите). Состанокот бил проследен со нервоза, кавга и дискусија на висок тон. Спасовски кој покрај својата поднесена оставка, барал одговорност за случајов и од Заев. А, Заев, за да се спаси од лична одговорност, демантира дека Спасовски си поднел оставка.

Од Владата со став дека одговорност ќе има, ама ќе се чека да се открие кој е одговорен за бегството на Мијалков, за да биде разрешен од функцијата.