Поранешниот претседател на Владата на Косово, Рамуш Харадинај, побара од премиерот на Албанија, Еди Рама, да го легализира канабисот по примерот на Македонија и неговиот пријател Зоран Заев.
– Мислам дека е многу важно да се легализираат наркотиците во Албанија, посебно тие што се садат, како што е канабисот. За тоа е потребна храброст. Легализирајте го. Направете закон за негово одгледување. Македонија го направи тоа. Други народи го направија тоа. Како Албанци да се тргнеме од нивната мапа дека сме земја на наркотици – изјави Харадинај за албанската телевизија АБЦ.
Според неговите зборови, од канабисот постои опасност сега, кога е забрането неговото одгледување, „но не и утре, ако се легализира“.
– На некои проблеми со кои се соочува Албанија е потребно да се одговори со стабилна правна основа. Не оставајте ги како проблеми за кои сите знаат, зборуваат и нè злоупотребуваат нас, Албанија и Косово, а ние се преправаме дека не постојат. Мора да се дадат законски одговори – вели Хардинај.