Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај денеска на прес конференција, по откривањето на споменикот на жртвите на нападот врз Кулите близначки на 11 септември, предупреди на опасноста од „српската пропаганда“ против неговата земја заради напорите на Белград да се повлечат признавањата на косовската независност, пишува косовскиот весник „Газета Експрес“.
-Продолжуваат обидите на Србија за укинување на меѓународното признание на суверенитетот на Косово, изјави Харадинај.
Во врска со смената на Џон Болтон од позицијата советник за национална безбедност, кој, според медиумите, е поддржувач на идејата за поделба на Косово, премиерот изјави дека САД го штитат Косово, а Болтон не ја поддржуваше идејата за поделба.
-За САД Косово е линија на фронтот. Убеден сум дека САД ќе бидат со Косово. Слушнавме многу гласини. Никој во САД не ја поддржува поделбата на Косово, вклучувајќи го и Болтон, рече Харадинај.
Тој повтори дека 100-отстоните царини за увозот од Србија, што минатата година го наметна неговата влада, ќе бидат повлечени само откако Србија ќе го признае суверенитетот на Косово.
-Царините ќе бидат повлечени само по признавањето, рече Харадинај за време на прес конференцијата во Приштина.