Харадинај: Ќе ја укинеме таксата кон Србија ако почне да се однесува европски

Според косовскиот премиер Рамуш Харадинај, Белград е продолжена рака на Москва на Балканот и денеска изјави дека Приштина веднаш ќе ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија доколку таа почне да се однесува европски, јавува дописникот на МИА од Приштина.

Со тоа што и го отворивме нашиот внатрешен пазар, ние на Србија ѝ дадовме стотици милиони за да купува оружје во Москва. Доколку Србија не се смени, тогаш таксата ќе остане засекогаш. Доколку сака да се договориме за меѓусебно признавање и да работи на Балканот според европската и американската логика, ќе ја укинеме таксата уште денеска. Србија е мини-Русија на Балканот, изјави Харадинај на предновогодишната средба со новинарите.

Тој додаде дека царината од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина претставува и економска мерка, во заштита на косовското стопанство.

Косовскиот премиер најави дека во 2019 година неговата влада ќе се посвети на развој на економијата.

Нашата енергија и нашето внимание ќе биде посочено кон економијата. Програмите кои ќе ги започнеме во текот на идната година се веќе пред нас, изјави Харадинај.