Харви во Тексас предизвика разорувања и големи поплави (ВИДЕО и ФОТО)

Извонредно големи поплави започнаа во саботата во американската сојузна држава Тексас која беше погодена од ураганот Харви, најсилниот кој го доживеаја САД од 200 година, а властите предупредуваат дека санирањето на штетите ќе трае со години.

Откако во петокот околу 22 часот по локално време ја погоди јужната држава Тексас со моќност од категоријата 4 од можните 5 на скалата, ураганот Харви ослаби во тропска бура со ветер со брзина од 110 километри на час, според податоците коишто во 20 часот по средноевропско време ги објави Националниот центар за урагани (NHC). Меѓутоа, неговото многу бавно напредување, од само 4 километри во час, го прави Харви многу опасен бидејќи обилните дождови ќе продолжат да врнат во оваа област неколку дена.

„Поплавите се извонредно големи“, предупредуваат од NHC во чиешто соопштение се додава дека до четвртокот може да паѓаа обилни дождови кои ќе предизвикаат „катастрофални и потенцијално смртоносни поплави“.

Операциите за спасување се веќе започнати на теренот, но засега нема извештаи за жртви, изјави гувернерот на Тексас, Грег Абот, но истовремено извести дека „штетите се многу големи“ во поедини подрачја и предупреди на „многу големи поплави“.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој во петокот потпиша указа за природна катастрофа, ги повика во саботата екипите за спасување на потполна мобилизираност, бидејќи последиците од ураганот Харви ќе се чувствуваат и следните неколку дена.

Сликите кои се забележуваа во саботата утрото по локални време во областите коишто ги погоди Харви се апокалиптични: поплавени патишта, куќи без покриви, урнати паноа за сообраќајна сигнализација, откорнати олуци, искорнати стебла кои лежат на земјата.

Најтешко е погоден градот Рокпорт со 10.000 жители, од кои две третини се евакуирани. Таму се повредени десетина жители од последиците на паѓање на керамиди и стебла. Евакуации се изведени и на други места, па како град на духови изгледал крајбрежниот град Корупс Кристи, кој инаку има 300.000 жители, но најголемиот дел се евакуирани. Околу 4.500 осуденици од затворот во градот Рошарон, јужно од Хјустон, морало да бидат евакуирани, бидејќи започнала да продира водата од блиската река. Според гувернерот на Тексас, повеќе до 338.000 корисници останале без електрична енергија и „тоа ќе потрае неколку дена“.

Брајан Мекнолди, експерт за урагани на универзитетот во Мајами, изјави дека е „многу необично“ тоа што ураганот минува низ областа „можеби и шест дена“. Покрај дождовите, Харви предизвика и раст на нивото на морето, коешто во поедини делови нараснало и за четири метри.

На тексашкиот брег се наоѓаат речиси третина од рафинериите за преработка на нафта од САД, а во Мексиканскиот залив 20 отсто од американското производство. Според последните податоци објавени во саботата попладнето по локално време, 112 платформи се евакуирани, што е 24,5 отсто од дневното производство на сирова нафта и 26 отсто гас.

Харви во САД потсети на траумите од 2005 година кога ураганот Катрина предизвика хуманитарна катастрофа со повеќе од 1.800 мртви и разорување на цели квартови на Њу Орлеанс и соседна Луизијана.

Неподготвеноста за таква природна катастрофа и тешките пропусти на ниво на сојузни држави имаа драматични последици. Тогашниот претседател Џорџ В. Буш беше обвинуван за рамнодушност кон населението на инаку многу сиромашниот регион на САД населен главно со црнечко население.