Хаванскиот синдром не може да ѝ се припише на странска сила, според CIA

Американската Централна разузнавачка агенција (CIA) заклучила дека ткн „синдром Хавана“, мистериозната болест којашто ги напаѓа американските дипломати ширум светот и којашто се опишува со „акустични напади“, не може априори да ѝ биде припишана на некоја странска сила, иако од Вашингтон најчесто за тоа ја обвинуваат Русија, пишува The New York Times

Телевизиската мрежа NBC News и дневниот весник The New York Times во средата цитираа повеќе американски функционери запознаети со разузнавачката процена на CIA за инцидените кои првпат се појавија меѓу американските дипломати во 2016 година во кубанската престолнина. Тогаш американските и канадските дипломати се жалеле на силни главоболки, мачнина и можни оштетувања на мозокот откако, како што навеле, слушале високофреквентни звуци.

Од тогаш американски дипломати и разузнавачи известуваа за слични искуства во повеќе земји во светот меѓу кои Австалија, Австрија, Кина, Колумбија, Германија и Русија. Случаите на „Хаванскиот синдром“ првпат беа објавени кај американските дипломати на Куба во 2016 и 2017 година, како и во Кина следната 2018 година. Според описите во американските медиуми, дипломатите биле изложени на звучни ефекти, кои предизвикувале долгорочни здравствени последици. Повремено, извори на американските медиуми ја споменуваат Русија како извор и организатор на „акустичните напади“, на што Москва одговори дека станува збор за „потполно апсурдни и чудни инсинуации“.

Случаи на здравствени проблеми, слични на „Хаванскиот синдром“, исто така, според медиумите биле забележани кај американски дипломати во Африка, Таџикистан и Москва. Еден од последните познати случаи на необјаснивата болест е регистрирана кај член на тимот на директорот на Централната разузнавачка агенција (CIA), Бил Барнс, во текот на ланскиот престој во Индија.

„Овој прелиминарен извештај не е конечниот заклучок на администрацијата на Бајден или целата разузнавачка заедница“, извести NBC News, цитирајќи американски функционери, што навестува дека следува насочен извештај.

Некои од лицата кои имале вакви проблеми за NYT изјавиле дека извештајот на CIA „не може и не смее да претставува крајниот збор за ова прашање.

„Иако дојдовме до некои значителни привремени наоди, не сме готови. Ја продолжуваме истрагата“, изјавил директорот на CIA, Вилијам Барнс.

Сличен извештај во кој не беше идентификуван изворот на „Хаванскиот синдром“ на американската заедница беше објавен и во октомври 2021 година. Истиот месец американскиот претседател Џо Бајден го потпиша законот за укажување помош на маериканскиет воени и владини службеници кои страдаат или настрадале од ткн „Хавански синдром“. Законот предвидува исплата на надомест за оние кои претрпеле „оштетувања на мозокот“ додека биле на должноста, и во странство и на американска територија. Притоа, во објавата не е наведено за кои конкретни суми станува збор.

Вкупно, според поранешен извештај на CIA, во сите вакви инциденти настрадале неколку стотини американски дипломати, дипломати и припадници на вооружените сили, а околу стотина од нив биле припадници на CIA. Беше најавено дека до крајот на 2021 година американското разузнавање да ја заврши истрагата за ткн „акустични напади“ кои го предизвикуваат синдромот, но според изворите истражувањето може да биде пролонгирано, а, исто така, не е планирано и извештај за јавноста.