Хеликоптер се урна во петокот рано претпладнето на обиколница во шпанската престолнина Мадрид, а три лица се полесно повредени, јавија шпанските медиуми.
Хеликоптерот паднал на патот М-40 на северот на Мадрид, недалеку од саемот IFEMA каде деновиве се одржуваше европскиот саем за авијација „Европски ротор“.
На местото на несреќата се наоѓаат неколку противпожарни и возила на брзата помош, известија медиумите.
Еден од пилотите на хеликоптерот сам излегол од леталото, а на другиот му помогнала спасувачката служба, јави шпанската јавна телевизија TVE. Првиот има полесни повреди на главата, а вториот на бутната коска.
Полесно е повредено и уште едно лице, возачот на автомобил кој минувал и се здобил со расекотини од фрагменти од скршено стакло.
Причината за несреќата се уште не е позната, а истрагата е во тек.