Хероите од „Диво Насеље“ добија мурал во Куманово

Голем мурал во центарот на Куманово добија полициските припадници кои беа дел од антитерористичката акција во кумановската населба Диво Насеље. Во терористичкиот напад во Диво Насеље на 9 и 10 мај 2015 година загинаа осум припадници на САЕ Тигар и Единицата за брзо распоредување, додека 37 беа повредени.

Автори на живописниот мурал се членовите на здружението „Форма“ од Куманово кои дошле на ваква идеја со цел да им изразат почит на трагично загинатите бранители, но и на сите оние кои тој ден го бранеа Куманово.

-На муралот висок нешто над два метри и долг 15 метри, се претставени реални фотографии од полициската акција, над нив е исцртано македонското знаме, а долу стои пораката „Хероите живеат вечно“, објави порталот „Кумановски муабети“.

Акцијата е спроведена на ѕид од приватен објект лоциран спроти влезот на некогашното Кино „Козјак“.