Хезболах го избра Наим Касем за наследник на убиениот Насрала

Либанскoто шиитско движење Хезболах во вторникот објави дека генералниот секретар Хасан Насрала, кој беше убиен во израелски воздушен напад во јужните предградија на Бејрут пред повеќе од еден месец, ќе го наследи неговиот заменик Наим Касем.

Во соопштението за печатот, групата напиша дека нејзиниот совет Шурата го избрал 71-годишниот Касем во согласност со воспоставениот механизам за избор на генерален секретар. Тој беше назначен за заменик лидер на Хезболах во 1991 година од тогашниот генерален секретар Абас ал-Мусави, кој беше убиен во напад на израелски хеликоптер следната година.

Касем ја задржа својата позиција кога Насрала стана лидер и долго време беше еден од водечките портпароли на милицијата, давајќи интервјуа за странски медиуми, вклучително и за време на минатогодишните прекугранични судири со Израел.

Насралах беше убиен на 27 септември, а високиот функционер на групата Хашем Сафиедин, кој се сметаше за негов најверојатен наследник, беше убиен во израелските напади една седмица подоцна.

Од убиството на Насрала, Касем имаше три телевизиски обраќања, вклучително и на 8 октомври кога рече дека вооружената група ги поддржува напорите за постигнување прекин на огнот во Либан.

Многумина во Либан веруваат дека тој ја нема харизмата и тежината што ги имаше Насрала.

Израелската влада на својот официјален профил на социјалната платформа Х објави: „Неговиот мандат би можел да биде најкраток во историјата на оваа терористичка организација доколку ги следи стапките на неговите претходници Хасан Насралах и Хашем Сафиедин. „Нема друго решение во Либан освен отстранување на оваа организација како воена сила“, напиша владата во Тел Авив на арапски.