Познатата двојна „оскаровка“ Хилари Свонк роди близнаци на 48 години. Станува збор за девојче и за момче. Таа ја објави веста денеска на својот Инстаграм-профил.
Пресреќната американска глумица во објавата напиша – „не беше лесно, но вредеше“, покрај фотографија на која ги држи своите малечки со грб кон камерата и гледа кон океанот. „Среќен Велигден! Вака е во чистиот рај“, додаде таа.
Хилари не ги соопшти имињата на своите деца и не даде повеќе детали.
Опсипана со честитки, објавата во првиот час им се допаднала на околу 100.000 луѓе.
За брачната двојка ова е прва улога на мајка и на татко.
Хилари и Филип Шнајдер се венчаа во 2018 година. Минатиот октомври Сванк откри дека е бремена. Според тогашните прогнози, таа требаше да се породи на роденденот на нејзиниот покоен татко, Стивен Мајкл Свонк, на 16 април годинава.
– Имав многу уникатен однос со него. Се грижев за него по трансплантацијата на белите дробови што ја имаше пред седум години. Тогаш особено се зближивме и уште повеќе го ценевме секој заеднички момент. Тој засекогаш ќе остане еден од моите омилени луѓе во светот. Не поминува ден, а да не почувствувам колку ми недостига – изјави тогаш Свонк.