Хоакин нов рекордер во Лига Европа

Откако во февруари стана најстариот играч кој впишал асистенција во историјата на Лига Европа, крилниот играч на шпанскиот прволигаш Реал Бетис, Хоакин Санчез Родригез собори уште еден рекорд станувајќи најстариот стрелец ова континентално натпреварување.

Реал Бетис во четвртокот на свој терен со 3:2 го совлада бугарски Лудогорец, во второто коло од Групата Ц во Лига Европа, а вториот погодок за шпанскиот претставник го постигна Хоакин. Со 41 година и 56 дена, Хоакин сега и официјално е најстариот играч кој постигна гол во ова натпреварување.

„Пред почетокот на сезоната им реков на соиграчите дека без разлика на тоа што ќе направам, ќе станам рекордер бидејќи нема премногу играчи во Лига Европа на мои години“, изјави Хоакин за веб-страницата на УЕФА.

Досегашниот рекорд го држеше Даниел Хестад кој во ноември 2015 година беше стрелец за Молде на возраст од 40 години и 98 дена. Жорхе Молина постигна гол за Хетафе на 38 години и 324 дена, а во првите петмина се и Давид Карала од АЕК Ларнака со 38 години и 224 дена, како и Валтер Самуел од ФК Базел со 37 години и 333 дена.

„Среќен сум што сѐ уште можам да играм на ова ниво, а да се постигне погодок секогаш е убаво, особено во Европа“, додава Хоакин.

Ова не е првиот рекорд на Хоакин во истото натпреварување. Во февруари годинава стана најстариот играч кој некогаш асистирал за погодок во Лига Европа, тогаш имаше 40 години и 211 дена

Хоакин кариерата ја започна во Реал Бетис, а потоа играше и за Валенсија, Малага и Фиорентина, а во Бетис се врати во 2015 година. За шпанската репрезентација играше од 2002 до 2007 година, период во кој играше на светските првенства во 2002 и 2006 и на европското во 2004 година, кога впиша вкупно 51 настап со четири погодока.