Ходорковски: Русија го уништува пријателството со Украина

Контроверзниот бизнисмен Михаил Ходорковски, кој до неодамна беше во затвор, оцени дека Русија со агресивните и просепаристички акции на Крим го уништува долгото пријателство со Украина.

Ходорковски ова го истакнал во текот на денешното предавање пред студентите на киевскиот Институт за високо образование.

„Ние го губиме украинско-руското пријателство поради акцијата на Русија,“ изјави Ходорковски.

Рускиот претседател Владимир Путин ја одби можноста за склучување на било каков договор со украинските власти кои го заменија прорускиот претседател Виктор Јанукович.

Ходорковски изрази поддршка на новите водачи на Украина, кои како што истакна на власт дошле благодарејќи на „револуцијата на правдата“.

Ходорковски кој некогаш беше најбогат човек во Русија, а потоа и затвореник, претседателот Путин го амнестираше лани во декември.Многумина веруваат дека и покрај тоа што Ходорковски беше затворен за криминал, бил затворен од политички причини, бидејќи се спротивставил на Путин.