Ракометната репрезентација на Македонија го очекува вториот натпревар на Европското првенство, кое се одржува во Скопје, Љубљана, Целје и Подгорица.
Девојките на Љубомир Савевски тргнаа со пораз од Франција од десет гола, а сега ги чека уште еден ракометен гигант.
Втор ривал на Македонија ќе ѝ биде селекцијата на Холандија. „Лалињата“ во првата рунда се измачија против Романките (29-28), а на пресметката со нашиот национален состав влегуваат како големи фаворитки. Против Франција македонските ракометарки беа под импресии, првпат истрчаа на еден голем собир и тој грч беше видлив од стартот. Сега против Холанѓанките, се очекува почетниот шок да е надминат, па иако квалитетот е на страната на ривалките, нашите девојки мора да се борат.
Најискусните презедоа одговорност во првиот меч. Јанеска беше лидер на тимот со пет погодоци, додека крилата со интернационално искуство дадоа по три. Погодуваа против Франција уште Маџовска (два гола) и еднаш Кипријановска, па се очекува и останатите девојки да покажат карактер и да преземат поголема одговорност. Савевски во повеќе наврати нагласуваше дека сега е важно да се гради тим за иднината, младите девојки да соберат искуство играјќи на големата сцена, а потајно сите се надеваа дека можат барем до едно изненадување.
Пресметката против Холандија се игра денес во 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“, додека последниот меч во групата е в среда против Романија.