Холандскиот амбасадор бара поддршка од ДУИ за борбата против корупцијата, вели Османи

Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ смета дека холандскиот амбасадор бара поддршка од неговата партија за борбата со корупцијата, бидејќи ДУИ е помеѓу партиите кои најмногу зборуваат за овој проблем.

„Ова е продолжување на ставот на холандскиот амбасадор кој го кажа во неколку наврати, на многу интервјуа кон крајот на минатата година. Веројатно ДУИ е еден од оние кои што најмногу зборува за борбата против корупција, па се разбира дека ќе се бара поддршка од ДУИ. Во моите разговори со холандскиот амбасадор имаме две суштински, концептуални разлики. Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право и без преговори со Европската Унија. Јас сметам дека ние не можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право, без процес на преговори, тие два процеси се поврзани“, рече Османи.

Овој став на Османи доаѓа откако вчера, холандскиот амбасадор Дир Јан Коп на средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети посочи дека посветеноста за членство во ЕУ е загрозена поради падот на владеењето на правото.