Научниците од холандскиот центар за крв имаат намера редовно да ги испитуваат примероците од крвта на крводарителите на отпорнсот на новиот тип коронавирус, со цел да го утврдат нивото на имунитет кај населението, пренесува интернет изданието Dutch News.
Компанијата оператор со центарот за крв „Sanquin соопшти дека планираат да ги испитуваат примероците од плазма и крв за присуство на антитела во нив, кои покажуваат дека некое лице развило имунитет на вирусот. Како што забележува Dutch News, донорите на плазма се од особен интерес за истражувачите, бидејќи своите примероци ги донираат во просек пет пати годишно. Тоа ќе им помогне на научниците да следат како се менува нивото на имунитет на вирусот кај населението. Вкупно во Холандија има околу 331.000 донори на крв и плазма, а околу 10.000 лица даруваат крв седмично.
„Околу две илјади крводарители доаѓаат секој ден во банките за крв. Тоа е добар репрезентативен примерок на лица на возраст од 18 до 79 години. Планираме да го испитуваме првиот примерок веќе оваа седмица, и доколку сѐ биде во ред, ќе го испитаме целиот обем во текот на две седмици. Започнуваме со 10.000 лица во Холандија, односно онолку луѓе колку што даруваат крв во текот на една седмица“, изјавил за весникот AD, микробиологот Ханс Заијер.
Според него, околу 99 отсто од крводарителите веќе дале согласност за тестирање на нивните примероци, а податоците ќе бидат собирани анонимно.
Бројот на потврдените случаи на зараза со новиот коронавирус во Холандија достигнал 2.460, а брокјот на починатите се зголемил на 76 лица, соопшти претходно во четвртокот холандскиот национален институт за здравство RIVM.
Во средата вечерта, како што пренесоа локалните медиуми, во текот на дискусијата во парламентот за состојбата со коронавирусот во земјата, министерот за здравство Бруно Бруинс загубил свест. Како што подоцна објави на Twitter министерот, несвестицата се должела на премор.