Хоти: Прашањето за Заедницата на српските општини повеќе не постои

Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, тврди дека нема да има Заедница на српски општини (ЗСО) со извршни овластувања, дека прашањето повеќе не постои, но дека е создадена обврска.

Хоти утрово на прес-конференција соопштил дека не очекува прашањето за формирање на ЗСО да го блокира дијалогот меѓу Белград и Приштина.

– Беше договорено темата ЗСО да биде затворена и доколку има блокада на дијалогот, тоа нема да биде наша одговорност – вели Хоти.

Тој наведува дека косовскиот устав бил прекршен во 2013 година, кога бил ратификуван договорот за формирање, како што вели, Здружението на општини со српско мнозинство.

– Доколку се постигне сеопфатен договор, тој мора да биде ратификуван во Собранието на Косово, но едно е сигурно дека ниту еден договор нема да го загрози унитарниот карактер на Косово, ниту, пак, здружението или ЗСО ќе има извршни овластувања – рече Хоти.