Си припомнува некој кога тоа поранешните комунисти добиле избори во нормален демократски амбиент во државава. Колку ме држи сеќавањето скоро ни едни. Како да се дизајнирани како партија да ловат во матно. А што друго би очекувал од партија која единствено се чувствува комотно во лажирани услови на плурална демократија. Во која нема место за поинаква конкурентна политичка опција и понуда. Колку би биле среќни да го вратат едноимието од пред деведесетите. Гледам го посакуваат тоа како никогаш досега.
Првите парламентарни избори што се одржаа во Република Македонија по воведувањето на политичкиот плурализам ги изгубија. Не дека не се обидоа да ја фалсификуваат вољата на граѓаните со бугарските летоци и дозволата да се гласа со југословенски пасош. Можеби не успеаја да победат на избори, но успеја да формирааат политичка влада. Нивните дворски игри и интриги од тогаш стануваат антологиски.
Во 1994 опозицијата, ВМРО ДПМНЕ и Демократската партија го бојкотираа вториот круг на изборите, тврдејќи дека имало сериозни нарушувања во изборниот процес. На тој начин придонесоа да се креира посакуваниот природен амбиент во кој поранешните комунисти можеа да ја обликуваат државата по својата идеолошко криминална матрица. Последиците сеуште ги чувствуваме.
Изборите во 2002 година и „историскиот“ 15 септември беа решени со аферата на големото уво и етничкиот конфликт. До ден денес немаме одговори на многу прашања поврзани со овие настани. Но, го имавме виновникот низ наративот на бившите комунисти. ВМРО. Повторно ја слушавме приказната за „ангелите“ и „демоните“ на македонската политика. А „ангелите“ беа со окрвавени раце.
Изборите во 2016 ги решија незаконско прислушуваните и јавно објавувани разговори на челниците на ВМРО, со силна поддршка на шарената фаланга фрустрирани, надувани и заведени поединци. И во ваков неприроден, насилен и далеку од демократски амбиент поранешните комунисти ги изгубија изборите. Но, како и секогаш кога немаш решение и поддршка, повикај „пријател“. И како порано, повторно ја изиграа вољата на мнозинството. Повторно истиот наратив и истите политички стереотипи.
Коинциденција, или нешто друго? Не сум човек наклонет на теориите на заговор. Не сакам да верувам дека настаните пред изборите биле свесно креирани со една единствена цел. Да ги инагурираат бившите комунисти на власт. Неспособни поинаку да ја добијат наклонетоста на гласачкото тело. Чудно е како успешно функционираат поранешните комунисти во абнормални околности. Никогаш кај нив не било важна вољата на народот, ниту политичката понуда. Изгледа ќе да е до „шармот“ на промените што ги носат со себе на државата. Промени што се по воља на друг, но никако на својот народ.
И повторно избори во најава. Брзи, побрзи не може да бидат. А амбиентот, животно загрозувачки. Повторно идеален за поранешните комунисти. Зарем има некој што сеуште верува дека се загрижени за интегритетот на изборниот процес? За изборниот легитимитет? За здравјето на граѓаните, илузорно е да расправам. Или за нефункционалните институции. Реално и не паметам кога биле функционални во време на нивното владеење. Како да се раководат од максимата: колку полошо толку подобро.
Некако ми изгледа дека власта е повеќе уплашена од можноста да ги изгуби изборите, отколку од коронавирусот. Затоа и не ги поставува вистинските прашање во контекст на претстојните избори: како мисли да обезбеди безбеден и ефикасен амбиент за избори во абнормални околности? Какви што е со пандемијава на коронавирусот. Дали Македонија ќе се снајде во вакви тешки околности да спроведе безбеден, слободен, достапен и фер изборен процес? Да бидам јасен. Правилата, процедурите и технологијата на гласање сеуште остануваат непроменети. А условите се драматично променети. Новата нормалност стана ненормалност. Ама кој да ја види од толку блескање на власта.
Никој веќе не може да предвиди колку долго ќе трае кризава. А со ваква власт изгледно е дека ќе трае. Многу лесно може да се влоши, пред да се подобри. Како што се случува последниве денови. За нормализирање ќе почекаме. Се повеќе се уверувам дека избори мора да има. Немаме избор. Мора да го изиграме рускиот рулет. Кога гледам како власта полека не втурнува во италијанското сценарио со коронавирусот. Како тргнала може да ни се случи утре да немаме луѓе за гласање. Да, да одиме на избори. Барем да се надеваме дека ќе дизајнираат здравствени и безбедносни протоколи што ќе предвидат минимум заштитни мерки како гаранција на правото на глас. Ваљда толку можат. Ако не можат нека ги препишат, или други им ги напишат. Како што им напишаа се друго досега.
Дајте со сиот ризик што го носат изборите во ваква криза да го сториме тоа, за да ја расчистиме политичката магла во која сме вовлечени сиве години со оваа власт. Сега ни треба друго ниво на политичко лидерство, кое ќе биде кадарно да се справи со сето она што ни претстои во иднина. Македонија се соочува со бура која бара ново лидерство и тим со силен мандат да не изнесе од кризава со коронавирусот. Како што гледам оваа нема ниту капацитет, ниту знаење, ниту кредибилитет веќе да го стори тоа. Колку да сака и се обидува, резултатите се очајни. Затоа, ајде на избори. Зашто поголем ризик од оваа власт не гледам во моментов.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес