Хрват шверцувал инструменти за очна хирургија

Цариниците спречиле шверц на офтомолошки производи и очила со диоптер во изминативе две недели на граничните премини, информираше Царинската управа.

Според Царината, 394 офталмолошки производи и инструменти и материјали за очна хирургија- леќи, сетови за имплантација на леќи, гелови, сетови за катаракта, медицински ножици, пинцети, инјектори, фластери, медицински фломастери, тампони и друго биле откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје. Производите биле откриени при контрола на патните торби на хрватски државјанин кој допатувал со лет од Загреб. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Од Царината информираат дека 93 пара очила со диоптер биле откриени при контрола на автомобил со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица се пријавиле тројца македонски државјани. Очилата биле пронајдени под возачкото и совозачкото седиште, во нов неупотребуван куфер во багажниот простор, во неколку најлонски кеси во страничниот простор за прва помош и алат и во просторот за резервна гума на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот, кој бил сопственик на очилата, е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.