Хрватот Пицула назначен за постојан известувач на Европскиот парламент за Србија

Хрватскиот европратеник Тонино Пицула е назначен за постојан известувач на Европскиот парламент за Србија, соопштено е во вторник.

Во следните пет години Пицула ќе биде задолжен за анализа, следење и известување до изввршните тела на Европската унија за ситуацијата во Србија и усогласување со европското право и законодавство, основните вредности и конкретните политики, се вели во соопштението за печатот од неговиот кабинет.

Станува збор за должност во која, во конкретниот случај Пицула, во овој мандат во име на Европскиот парламент ќе ги покрие сите теми поврзани со односите меѓу Европската унија и Србија.

„Со оглед на големото искуство што го стекнав и моето познавање за состојбите во Западен Балкан, како и за политиката за проширување на ЕУ, ова назначување го гледам како признание за мојата досегашна работа“, рече Пицула.

Србија ќе биде оценувана поединечно, според резултатите. Еднаш годишно Пицула во име на ЕП ќе подготвува извештаи за состојбите во Србија.

„Како и секогаш, го поздравувам и поддржувам фактот што политиката за проширување повторно е во фокусот на ЕУ. Очигледно има поголема политичка поддршка од претходно, но процесот на пристапување, сепак, мора да се заснова на исполнување на критериумите. Секоја земја треба да се оценува индивидуално според неговите резултати“, истакнува Тонино Пицула

Во претходните мандати Пицула беше шеф на Работната група за Западен Балкан, известувач за САД и Црна Гора, известувач на ЕП за новата стратегија за проширување и ко-известувач на ЕП за финансискиот инструмент за претпристапна помош ИПА III и за Планот за раст за Западен Балкан.

За Србија, којашто доби статус на земја кандидат во март 2012 година, еден од главните предизвици секако ќе биде, покрај усогласувањето со правното законодавство и вредностите на ЕУ, усогласеноста со актуелната политика на Брисел кон руската инвазија на Украина.

Официјалниот почеток на преговорите меѓу Србија и ЕУ беше во јануари 2014 година, а досега се отворени 22 од 35 поглавја; вклучувајќи ги сите поглавја во кластерот 1 за основите на процесот и кластерот 4 за Зелената агенда и одржливото поврзување, од кои две се привремено затворени.