Хрватска ќе мора да ја прекине имунизацијата на населението од коронавирус, бидејќи немаат вакцини „Pfizer/BioNTech“, изјави во петокот директорот на Хрвтскиот завод за јавно здравке, Крунослав Чапак, кој на тој начин го демантираше вчерашното соопштение на министерот Вили Берош дека снабдувањето со вакцини во земјата е стабилно и дека производителите планираат да ги зголемат дозите.
„Ќе успееме да ги вакцинираме сите што ја примија првата доза со втората доза, но ќе мора да ја запреме имунизацијата, бидејќи немаме доволно вакцини Pfizer“, рече Чапак на прес-конференцијата на Националниот штаб.
Додаде дека и производителот „Moderna“ доставил одредено количество, но дека Хрватска вчера била информирана дека ќе доцни со новите испораки.
„Не сме задоволни од испораката, тоа е далеку од она што го договоривме. А, ситуацијата ни е уште потешка, бидејќи на почетокот ни дадоа поголеми количини, кои сега се намалуваат“, рече Чапак.
Директорката на клиниката за инфективни болести во Загреб, Алемка Маркотиќ, рече дека сето тоа не е само политика.
„Тоа е нова вакцина и потребни се големи капацитети за да се произведе голема количина. Спроведени се скапи и тешки контроли, сите тие мора да бидат со цел вакцината да се појави на пазарот“, рече Маркотиќ.
Додаде дека нема производител кој ги има сите совршени серии и тоа може да биде една од причините зошто испораките може да се одложат, пренесоа хрватските медиуми.
„Побаравме од претседателката на Европската комисија во разговорите со Pfizer и Modernа, а се надеваме и наскоро со AstraZenecа, да се инсистиран на договорените и количества и динамики на испораките на вакцините за да можеме што поскоро да го вакцинираме населението“, изјави во петокот хрватскиот премеир Андреј Пленковиќ откако во четвртокот доцна вечерта учествуваше на виртуелната конференција на Европскиот совет за пандемијата на коронавирусот.
Хрватска кон крајот на декември започна со вакцинирање со препаратот на „Pfizer/BioNTech“, додека вакцината на „Moderna“ стаса во земјата минатата седмица и првата пратка беше испратена во областа на Петриња погодена од низата земјотреси. Во Загреб очекуваат и дека Европската агенција за лекови (ЕМА) на 29-ти јануари ќе ја одобри и вакцината на „AstraZeneca“.