Хрватска ја совлада Србија за финале во Дејвис-купот!

Хрватска е прв финалист во Дејвис-купот после вечерашната победа со 2-1 против Србија предводена од најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, откако најдобриот тениски пар Никола Меткиќ-Мате Павиќ ја донесе клучната победа во двојки.

Меткиќ и Павиќ славеа во два сета со 7-5, 6-1 за 73 минути против срспкиот пар Новак Ѓоковиќ-Филип Крајиновиќ за да обезбедат пласман во големото финале и сега го чекаат подобриот од пресметката Русија – Германија во битка за трофејот во Дејвис-купот.

Српската двојка успеваше да се провлече во првиот сет до 5-5, по што го загуби својот сервис за хрватскиот тандем да поведе, а потоа во вториот сет Хрватите буквално ги збришаа Србите, оставајќи им само еден гем во сетот за конечна победа.

Претходно, Борна Гојо, иако 279-ти на АТП го победи Душан Лајовиќ (33-ти) со 2-1 во сетови со 4-6, 6-3, 6-2 и тука Србија ја пропушти шансата за финале, зато потоа Ѓоковиќ во два сета беше подобар од Марин Чилиќ со 6-4, 6-2, па вистинска сензација ќе беше ако најдобриот хрватски пар го загубеше мечот, што се покажа дека е невозможно, иако играа против најдобриот светски тенисер.