Фудбалските селекции на Хрватска и на Швајцарија во неделата изборија настап на Светското првенство коешто следната година од 14-ти јуни до 15-ти јули ќе се игра во Русија, откако во возвратните дуели од дополнителните квалификации остварија позитивни резултати против Грција односно Северна Ирска.
Швајцарија ја елиминираше Северна Ирска, откако во првиот меч во Белфаст победи со 1:0, а во неделата во Базел одиграа 0:0. Гостинската победа на Швајцарците им ја донесе Рикардо Родригез од спорен пенал во 58 минута.
За Швајцарија ова е 11-ти пласман на мундијалите, а четврти последователен. Северна Ирска досега трипати учествувала на светските првенства, а последен пат далечната 1986 година.
Хрватите исто така во реваншот во Пиреа одиграа без голови со домашната селекција на Грција, но благодарејќи на победата од 4:1 од пред три дена во Загреб по петти пат се квалификуваа на светско првенство, а ова е нејзиниот трет пласман преку бараж. Од осамостојувањето Хрватска од шест квалификациски циклуси не учествуваше само на мундијалот во Јужноафриканската Република во 2010 година.