Хрватската фудбалска селекција со победата од 2:0 над Нигерија во саботата во Калинингард го стартуваше настапот на Светското првенство во Русија во првото голо од Групата Д во којашто претходно Аргентина и Исланд ремизираа 1:1.
Првиот гол за Хрватска всушност беше автогол на Оганекар Етебо во 32 минута, додека победата ја потврди Лука Модриќ од пенал во 71 минута.
Хрватска до трите важни бода во непријатната група стаса иако не прикажа особено квалитетна игра, иако селекторот Златко Далиќ се реши да започне со целосно офанзивна постава, а бидејќи зад триото напаѓачи ги постави играчите на Реал и Барселона, Лука Модриќ односно Иван Ракитиќ, јасна беше неговата намера неговата селекција да доминира во поседот на топката и да создава шанси за погодок.
Меѓутоа, и ако поседот на топката беше во полза на Хрватите, тие практично во првото полувреме не создадоа ниедна сериозна шанса за загрозување на голот на Нигеријците, па дури немаа ниеден удар во рамките на противничкиот гол. Во изјавите пред натпреварот хрватскиот селектор оцени дека Нигерија многу слабо се брани по прекини, што се покажа точно во 32 минута, кога Модриќ изведе корнер кој на првата статива го дочека Анте Ребиќ и со глава ја префрли топката во средината кон Марио Манџукиќ чиј удар со глава во пад најверојатно ќе одеше покрај голот, но на патот го закачи во ѓонот од копачката Етебо, ја промени насоката и заврши во долниот десен агол на неможниот голман Узохо. По голот, како и пред него, Хрватите успеаја да одиграат само уште една смислена акција кои завршија со непрецизни удари. Нигерија, пак, во текот на првото полувреме не создадоа ниедна сериозна шанса за загрозување на хрватскиот гол.
Но во второто полувреме африканската селекција воспостави контрола на играта и во првите петнаесетина минути неколкупати сериозно се закани. Во 47 минута Балогун највисоко скокна по изведен корнер но неговиот удар во својот шеснаесетник го блокираше хрватскиот шпиц Манџукиќ. Првиот удар во рамките на голот беше виден дури во 59 минута, но тогаш обидот на Игало лесно го собра голманот Субашиќ. Прашањето на победникот беше решено во 71 минута, кога нигерискиот бек Екогн со две раце го запре Манџикиќ да дојде до топката по изведен корнер, бразилскиот судија Ричи покажа на белата точка, а капитенот Модриќ беше сигурен реализатор. Во финишот од дуелот меѓу стрелците можеше да се запише и вториот играч на Реал на теренот, но Ковачиќ слабо шутираше од шест метри кој Узохо.
Претходно во истата група Аргентина и Исланд одиграа 1:1, па на чело на таблета изби Хрватска со три бода, пред двете селекции со по еден, а Нигерија ќе се обиде во следните две кола да направи изненадување и да го поправи впечатокот.