Хрватска партија ја повика претседателката да ја повлече војската и да прогласи неутралност

HINA/ Damir SENČAR/ ds

Партијата Жив ѕид во средата, по нападот на хрватските војници во Авганистан при што еден војник беше убиен, ја повика претседателката Колинда Грабар Китаровиќ да ги повлече сите хрватски војници од воените мисии во светот, како и да прогласи трајна неутралност според примерот на некои европски земји.

„Ја повикуваме претседателката Колинда Грабар Китаровиќ, како врховен командант на војската, моментално да ги врати нашите војниви во Хрватска, да прогласи трајна неутралност, според примерот на други држави од Европа, како Австрија, Шведска, Финска, Кипар, Малта, Ирска и Швајцарија“, изјави парламентарецот Дамјан Вуцелиќ, кого го цитира агенцијата Hina.

Тој на прес-конференцијата свикана по нападот во авганистанската престолнина Кабул во кој еден војник загина а други двајца се тешко ранети, рече дека задачата на хрватската војска е да ги штити границите на земјата.

„Тежок и емотивен ден за целата Хрватска. Жив ѕид изразува сочувство на семејството и пријателите на загинатиот хрватски војник, како и жалење поради ранувањето на другите двајца“, додаде парламентарката Сњежана Саболек.

И двајцата истакаа дека на хрватската армија местото ѝ е во Хрватска, а не во странските држави, каде што „војува за туѓи интереси“.

„Жив ѕид е единствената политичка партија којашто зборува за штетноста од учеството на НАТО сојуот. Сметаме дека НАТО е една империјалистичка творба, чијашто цел е поробувањето на другите народи и грабање на нивните природни богатства“, рече Вуцелиќ.

Жив ѕид е партија којашто настана во време на претседателските избори во 2014 година, кога нивниот кандидат Иван Вилибор Сончиќ оствари неочекувано добар резултат, освојувајќи го третото место. Идеолошка партијата одбива да биде вброена во левицата или десницата, и во својата платформа инсистира на истапувањето на Хрватска од Европската унија и од НАТО. На изборите во 2019 година, партијата освои само еден мандат во Европскиот парламент, а има два пратеника во Саборот во Загреб.