Полицаец од Карловац, Хрватска е осомничен дека крадел пари и накит од куќи. За време на неговиот последен „поход“ неговите колеги го затекнале во една куќа во цивилна облека.
Полицијата го затекнала 29-годишниот полицаец за време на провала во една семејна куќа во Карловац. Тој е уапсен и за него е покрената истрага, во рамки на која било утврдено дека тоа не му е прва провала, туку дека тој извршил уште шест кражби во рамки на кои е причинета штета од над 100.000 хрватски куни.
– Постои сомнение дека 29-годишното лице отуѓувало пари и накит од семејни куќи, додека сопствениците не биле дома, известуваат од полицијата во Карловац, пренесуваат хрватските медиуми.
Со одлука на началникот на полициската управа, полицаецот е суспендиран од работа до завршувањето на постапката. Тој во моментов се наоѓа во притвор.