И украинската и руската војска непотребно ги загрозуваат цивилното населени со распоредување на силите во центрите на населени области, на пример во училишни подруми или здравствени установи, објави во четвртокот Human Rights Watch (HRW).
Киев од почетокот на војната ја обвинува руската војска дека гаѓа цивилни цели, додека Москва ги обвинува украинските сили, особено ударните паравоени единици составени од припадници на ултранационалистичките движења и странските платеници ги поставуваат своите огнени позиции во чувствителна цивилна инфраструктура, како детски градинки, училишта, болници и во станбени згради и оти цивилното население го користат како човечки штит.
Двете страни, исто така, меѓусебно се обвинуваа за саботирање на договорените хуманитарни коридори за евакуации на цивилите.
„Додека беснее војната во Украина, цивилите се непотребно вовлечени во борбите. И руските и украинските сили мора да го избегнуваат стационирањето на своите сили меѓу цивили и да сторат сѐ што е можно цивилите да бидат подалеку“, вели Белкис Виле, аналитичарка HRW.
Прецизираше дека организацијата документирала четири случаи на руските и три на украинските воени позиции во станбени области.
„Во нападите кои следеа на тие позициите се убиени и ранети цивили“, се соопштува во извештајот и се додава дека биле интервјуирани повеќе од 50 жители од седум места кои се наоѓаат во северниот регион Чернигов, во источниот Харков и јужниот Запорожје и оти биле посетени уште шест места.
Меѓу најеклатантните примери кои ги наведува HRW е селото Јагудиное во Чернигов, каде што руската војска еден месец држела 350 цивили во подрум на училиште кое го користела како воена команда.
Украинските сили, пак, воспоставиле база во центар за контрола на болести во резиденцијалната област Покотиливка во регионот Харков. Кога руските сили извеле напад таму на 28-ми април, најмалку шест цивили биле ранети, а десетици блиски куќи и локални училишта биле оштетени, според HRW.