Хултквист: Членството на Шведска и Финска во НАТО ќе ја зајакне нордиската одбрана

Одбранбените капацитети на нордискиот регион ќе се зајакнат доколку Шведска и Финска се приклучат кон НАТО, што ќе овозможи заедничко планирање на одбраната во рамките на Алијансата, изјави денеска шведскиот министер за одбрана за шведското радио.

-Доколку Шведска и Финска се приклучат на НАТО ќе има ефект што ќе ги искористиме нашите меѓусебни сили и предностите и целосно ќе се надополнуваме, а исто така ќе спроведеме оперативно планирање, рече шведскиот министер за одбрана Петер Хултквист, кој доаѓа од редовите на владејачките социјалдемократи.

„Доколку е така, ефектот ќе биде дека заедно ќе станеме посилни. Тоа е нешто што може да се случи ако избереме да се приклучиме кон НАТО“, рече Хулквист за јавниот сервис.

Шведска веќе има договори за одбрана со своите нордиски соседи, потсетуваат британските медиуми.

Социјалдемократите на 15 мај ќе одлучат дали да се откажат од децениското противење на партијата за членство во НАТО, потег што речиси сигурно ќе доведе до тоа Шведска да побара да се приклучи на 30-члената алијанса.

Руската инвазија на Украина предизвика преиспитување на безбедносната политика во Шведска и Финска. Финскиот претседател Саули Ниинисто неделава се очекува да ја објави својата поддршка за апликација.

Данска, Норвешка и Исланд се веќе членки на НАТО, пренесуваат британските медиуми.