Традионалниот хуманитарен концерт „Аплаузи“, со кој ќе биде одбележан Светскиот ден на лицата со хендикеп – 3 декември, денеска ќе биде одржан во Универзалната сала под мотото „Сакам да пеам можам да пеам – сакам да свирам можам да свирам и сакам да играм можам да играм“.
Концертот е во организација на хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ во партнерство со Универзална сала, а ќе настапат деца од специјалните училишта, иснистуции и домови во Република Македонија. Покровител на вториот хуманитарен концерт „Аплаузи“ е Маја Иванова, сопругата на претседателот Ѓорге Иванов. Маја.
Претседателот на Здружението „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ Зорана Костовска на прес-конференција информира дека покрај децата од специјалните установи ќе настапат и познати музички имиња, а концертот ќе го отвори почесниот претседател на здружението Есма Реџепова.
„Пораката на оваа манифестација не е само да се одбележи денот и да се направи некаква донација, туку да се подигне нивото кај сите граѓани со пораката ’Ние сме исто, мојот свет и твојот свет е наш свет’“, рече Костовска.
Претставниците на институциите кои ќе настапат на хуманитарниот концерт, забележаа дека свеста кај граѓаните е на многу ниско ниво и оти овој пат децата ќе бидат забележани на еден поинаков начин, со аплауз.
Со музички настапи и перформанси ќе настапат деца од посебното основно училиште „Златан Сремац“, Домот за деца без родители „11 Октомври“, државен училишен центар за образование и рехабилитација „Партение Зографски“, специјалното училиште за деца со оштетен вид „Димитар Влахов“, специјалниот завод за деца и младинци „Иднина“, органзиацијата за лица со хендикеп „Мобилност“, Завод за рехабилитација за деца и младинци и специјалниот завод „Демир Капија“.
Цената на билетот е 100 денари, а средствата ќе бидат наменети за децата со посебни потреби од сите институции што ќе настапат.