По 45-те луксузни пасати кои владата ги изнајми за над 1,7 милиони евра, на лизинг, возило ќе набави и малку познатата Државна комисија за жалби по јавни набавки. Иако трошењето народни пари за подновување на возниот парк на министрите и администрацијата беше силно критикуван во услови кога во земјава има недостаток на амбулатни и противпожарни возила, Државната комисија за жалби по јавни набавки ќе потроши 1,5 милиони денари за нов автомобил, а ќе се користи во следните три години, пренесува Алсат.
Државната комисија за жалби не била скромна кога ја составувала спецификацијата за опрема на возилото. Во јавната набавка стои дека сакаат, седан автомобил, да е бензинец, и да поседува минимум 134 коњски сили. Да има автоматски менувач, да е црна боја, да има патен компјутер, ЛЕД светла. Дополнително според објавата автомобилот треба да има: „Задни и предни паркинг сензори, Радио, MP3, Bluetooth, AUX, USB, WIFI, DAB поврзување со интернет 4G, минимум 7 инчен дисплеј осетлив на допир и навигација, затеменети задни стакла“.
Автомобилот кој ќе го набават треба да е каско осигуран, но и да има зелен картон за да може да се користи за патување во странство. Според објавениот јавен повик на Бирото за јавни набавки, постапката ќе биде електронска но нема да се користи Е – аукција која може да влијае и да се намали цената со електронско наддавање помеѓу авто дилерите кои ќе се јават на тендерот.
По три години користење, Државната комисија за жалби по јавни набавки, возилото ќе го врати на фирмата која ќе го добие тендерот.
Од Алсат пробале да стапат во контакт со оваа државна комисија која е составена од три члена и 12 членови на стручната служба. На телефонските броеви поставени на веб страната никој не се јавува за да прашаат зошто им е потребно ново возило и зошто го одбрале моделот на оперативен лизнг.
Според планот за јавни набавки на комисијата, набавката на автомобил планиран бил да се спроведе во месец јуни годинава.