И јужнокорејскиот производител на автомобили „Hyundai Motor“ планира да се приклучи на групацијата автомобилски гиганти кои го усвоија стандардот за полнење електрични возила на „Tesla“ во САД и Канада, отворајќи го патот за нов индустриски стандард.
Северноамериканскиот стандард за полнење (NACS) веќе е усвоен од „Ford Motor“, „General Motors“, „Nissan“, „Volvo Cars“, „Mercedes Benz“, „Jaguar“, „Honda Motor“ и „Rivian Automotive“.
„Hyundai Motor“ им се придружи во четвртокот, објавувајќи дека неговите електрични возила во САД ќе бидат опремени исклучиво со NACS приклучокот, почнувајќи од четвртиот квартал на следната година. Во Канада, компанијата ќе испорачува возила опремени според NACS од првата половина на 2025 година.
Ова ќе овозможи електричните возила на „Hyundai“ да се полнат на повеќе од 12.000 суперполначи на „Tesla“ низ САД, Канада и Мексико, нагласуваат од компанијата во соопштението.
Американското Министерство за енергетика објави дека суперполначите на „Tesla“ во моментов сочинуваат околу 60 отсто од брзите полначи во САД.
Возилата на „Hyundai“ опремени со конкурентниот систем за комбинирано полнење (CCS) ќе имаат пристап до мрежата на суперполначи на „Tesla“ од почетокот на првиот квартал на 2025 година, со обезбеден адаптер.
Исто така, „Hyundai“ ќе обезбеди и адаптери кои ќе овозможат возила со вграден NACS да се полнат на полначи со стандардот CCS.
Стандардот CCS моментално е поддржан од BMW, „Daimler“, „Mazda“, „Kia“, „Renault“, групацијата PSA и „Volkswagen“, кој истовемено преговара со „Tesla“ за усвојување на NACS. Некои компании ги поддржуваат двата стандарди, како што се „Nissan“, „Jaguar“, „Ford“, „Tesla“ и „Rivian“.