И Ирска ќе ја тестира четиридневната работна недела за иста плата

Илјадници работници во Ирска ќе работат четири дена во неделата без намалување на платата, во рамките на меѓународниот систем за пробна работа. Ирска им се приклучи на Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и Нов Зеланд и е единствената земја-членка на ЕУ која води пилот проект во текот на шест месеци, за да го истражи влијанието на пократката работна недела.

Работниците кои ќе учествуваат во таа иницијатива ќе добиваат 100 отсто од платата за 80 отсто од претходното работно време, но со обврска да одржат 100 отсто  продуктивност.

Програмата ја спроведува „Четири дена неделно глобално“, во соработка со други граѓански групи и истражувачи од Универзитетот во Оксфорд, Кембриџ и Бостонскиот колеџ.

Организаторите ќе го следат нивото на продуктивност, влијанието врз животната средина и родовата еднаквост во организациите учеснички, а резултатите ќе бидат објавени во 2023 година.

„Ќе анализираме како реагираат вработените на дополнителниот слободен ден, во однос на стресот и исцрпеноста на работа, задоволството од работата и животот, здравјето, спиењето, употребата на енергија, патувањето и многу други аспекти од животот“, рече Џулиет, главен истражувач на Бостонскиот колеџ и професор по социологија, пренесува Бета.

Најмалку 17 ирски организации од различни големини од различни сектори се приклучија на иницијативата.

Во проектот ќе учествуваат и 70 организации во ОК.

Слични програми претходно се имплементирани во други земји, или поединечни компании. Во Исланд ваков проект се спроведуваше од 2015 до 2019 година.

„Како што излегуваме од пандемијата, се повеќе компании препознаваат дека квалитетот на животот е новата граница за конкуренција и дека работното време се скратува, работата фокусирана на резултати е конкурентна алатка“, рече извршниот директор на Четири дена неделно, глобално“, Џо О’Конор.