Министерот за здравство Венко Филипче и Националната координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова Мијовска, денеска одржаа прес-конференција, по повод одбележувањето на Европскиот ден на органодарителство – 10 Октомври.
На денот на одбележувањето, исто така, министерот Филипче и д-р Мојсова им доделија благодарници на семејствата Диневи и Пиневи кои донираа органи од свој близок, на Медицинскиот факултет и на здравствените установи кои активно се вклучени во трансплантацијата со една единствена цел – спасување на човечки животи и шанса за втор живот на пациентите на кои им е неопходна трансплантација на орган.
На прес-конференцијата, министерот Филипче истакна дека за првпат во нашата земја се направи трансплантација на срце, во услови на пандемија од ковид-19, а потоа се направија и две трансплантации на бубрези.
-Трансплантацијата е процес којшто е многу сложен, комплексен. Вклучува активности на експерти од повеќе специјалности. Таков мултидисциплинарен, мултисекторски пристап е нешто што со години функционира во сферата на трансплантација на бубрезите, во сферата на трансплантација на коскена срцевина. Со интензивна работа во изминатиот период го надградивме системот и Програмата во Министерството за здравство. За трансплантацијата на бубрези се направи електронска листа на чекање и софтвер за избор на потенцијални приматели на органи во ситуација кога има кадавер во системот на Мој Термин. Тоа значи дека секој пациент којшто е кандидат за трансплантација на бубрег има направено ХЛА типизација. Се направи листа на чекање на пациенти на кои им е потребна трансплантација на црн дроб, понатаму на коски и сето тоа е дел од таа национална листа за чекање, заедно со Националната листа на потенцијални приматели на срце и педијатриската листа на срце. Ова сето бараше еден мултидисциплинарен пристап и соработка од сите лекари специјалисти, од сите сфери“, истакна министерот Филипче.
Тој информираше дека преку аплицирање за ЕРАЗМУС програма добивме едукација на наши кадри во еминентни европски центри.
-Секоја од клиниките номинираше по еден член од стручниот колегиум, којшто во периодот којшто е пред нас ќе биде упатен на едукација. Вкупно ќе трае две години, а започнува со три месечен престој во овие европски институции кои се дел од ЕРАЗМУС размената, првпат на ваков организиран начин. После тие месеци продолжува соработката со менторите од европските институции, со цел методите коишто не се работат кај нас да бидат имплементирани во нашите институции или доколку веќе нешто се спроведува да биде доусовршено согласно сознанијата и напредокот во различни специјалности во европските центри. Сметам дека трансплантацијата на срце што се случи во месец мај беше доказ дека ваков еден системски пристап дава резултати. Во изминатите две години наш кардиохирург од Универзитетската болница во Франкфурт доаѓаше секој месец или на два месеци и работеше со нашите колеги од Клиниката за кардиохирургија, посочи Филипче.
Националната координаторка за трансплантација доц. д-р Маја Мојсова Мијовска потенцираше дека освен софтверскиот систем Националната листа за бубрези, се работи и на ист таков софтверски систем за срце, црн дроб и коски и ткива во склоп на Мој Термин.
-Одлучивме да ги зголемиме тимовите за трансплантација и бројот на болничките координатори. Се започна и со проект за отворање на Банка за ткива и коски кој треба да се реализира до крајот на годината. Се работи за просторија во која може да чуваме коски и ткива во објектот на Мајчин дом, каде успеавме да најдеме соодветна опрема и лица кои ќе се грижат за истата” – истакна д-р Мојсова и додаде дека во наредниот период се планира почесто говорење на темата за трансплантација и подигнување на свеста кај истата за разбирање на целиот процес.