И Мицкоски и Ахмети засега не ги менуваат ставовите

Двочасовната прва средба меѓу челниците на поранешните коалициони партнери во власта ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски, односно Али Ахмети, како што изјавија и двајцата не била доволна за да се приближат позициите околу контроверзниот Закон за јазици, иако посочија дека состанокот „не бил од преговарачки карактер“.

„Ова не беше средба за преговарање, ова беше средба за честитање. Се отвори тоа прашање, секој си има свои позиции. Ова не беше средба за напредок“, изјави Али Ахмети по средбата во саботата во седиштетот на ВМРО-ДПМНЕ.

Запрашан во врска со Законот за употреба на јазиците, Ахмети на новинарско прашање рече дека средбата не била за преговори туку за честитање. Тој изјави дека во интерес на двете партии е стабилноста на земјата и напредок во имплементирање на реформите.

„Разменивме мислења на многу конструктивен начин и за неопходните реформи кои мора да ги завршиме во земјава. Разговаравме и за политичките процеси во земјата. Интересот на двете партии е нашата држава да биде што е можно постабилна“, изјави Ахмети.

Ова е прва официјална средба на лидерите на двете партии откако Христијна Мицкоски стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Истиот став го искажа и Христијан Мицкоски, кој рече дека соговорниците во саботата ги повториле и аргументирале своите позиции околу Законот за јазици.

„Не дискутиравме за детали. Ги аргументиравме нашите позиции, они нивните. Отприлика тука заврши дискусијата за Законот за јазици. Ова не беа преговори за да можеме да кажеме дали секој бил на своето, туку едноставно на таа тема ги аргументиравме нашите позиции ние, тие своите“, рече Мицкоски.

И двајцата не открија дали опозицијата го испорачала својот неформален предлог за замрзнување на Законот за јазици и формирање работни групи за евентуална измена, но и дали Мицковски побарал објаснување за најавата на спикерот Џафери дека „за скоро ќе немаат аргументи“ за бојкот на Собранието.

Официјално двајцата лидери велат дека најмногу време потрошиле на евроинтеграциите и реформските закони. Ахмети рече дека добил ветување за поддршка за нив, Мицкоски, пак, европската агенда е пропратна за неговата партија, и посочи дека враќањето на пратениците од опозицијата во Собранието не зависи од нив, туку од власта, бидејќи како што повторни, 12 отсто од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се во притвор.

„Поради математички и политички причини не можеме да учествуваме во работата на Собранието. Математичката е поради тоа што 12 отсто од пратениците ни се во притвор, така што ние не можеме со сиот свој капацитет да учествуваме во работата на Парламентот. Политичката е поради сериозното нарушување на демократскиот амбиент во Македонија“, рече Мицкоски.

Ахмети порача дека по изборот на новото раководство во ВМРО-ДПМНЕ, се чувствува како што рече смена на односот на партијата кон Албанците.

Лидерот на ДУИ го придружуваше неговиот шеф на кабинет, пратеникот Артан Груби, друштво на домаќинот пак му правеше екс министерот за финансии Трајко Славевски како член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и според информациите на состанокот ги аргументирал економските позиции на ВМРО-ДПМНЕ. И двајцата лидери рекоа дека средбата била конструктивна. Ахмети најави дека ќе има и други во иднина.