И Microsoft нема на полицијата да и’ го продава системот за препознавање на ликот

Американскиот технолошки гигант „Microsoft“ објави во четвртокот дека нема на американската полиција да ѝ ги продава системот за препознавање на ликот, додека ова прашање не биде регулирано на сојузно ниво, како последна од низата технолошки компании кои привремено ја запреа продажбата на овие системи во екот на протестите против полициската бруталност и расизмот.

Во средата „Amazon“ објави дека воведува едногодишен мораториум на користењето на софтверот „Rekognition“ во полицијата, а IBM минатата седмица извести дека повеќе на полицијата не ѝ ги продава своите софтвери, порачувајќи дека технологијата не би требало да ја промовира расната неправда.

Од „Microsoft“ соопштија дека веќе подолго време работат на осмислувањето на принципите и законот за користење на софтверот.

„Во моментов не ја продаваме нашата технологија за препознавање на ликовите на американската полиција и нема да ја продаваме додека не биде донесен закон кој ќе се заснова на човековите права“, стои во соопштението.

Смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд на 25-ти мај во Минеаполис откако бел полицаец со колено му го притискал вратот речиси девет минути, предизвика масовни и насилни протести во САД.

Некои истражувања покажале дека идентификацијата со помош на системот за препознавање на лик често е неверодостоен кога се применува на луѓе со потемна кожа, па активистите се загрижени дека неточни резултати може да доведат до неправедни апсења.

„Кога дури и создавачите на системот за препознавање одбиваат да ја продаваат оваа технологија бидејќи е опасна, конгресмените не може да ја игнорираат заканата за нашите права и слободи“, порача Мет Кегл, правник на севернокалифорниската филијала на здружението за човекови права „American Civil Liberties Union“.

Конгресот со месеци разгледува како да го регулира ова прашање, а во меѓувреме полицијата ги користи технологиите на другите компании, како IDEMIA.