И натаму без напредок во преговорите меѓу ЕУ и Лондон

И третиот круг од преговорите меѓу Европската унија и Велика Британија за идните меѓусебни односи, кој заврши во петокот, не донесе речиси никакво придвижување, а од Брисел и од Лондон меѓусебно се обвинуваат за изостанувањето на напредокот.

Следниот круг од преговорите е најавен за 1-ви јуни.

„Освен некои ситни поместувања не е постигнат напредок за најтешките прашања“, изјави главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, на прес-конференцијата по завршувањето на третиот круг од преговорите кои се водеа преку видео-врска.

„Жал ми е што остваривме многу мал напредок кон договорот за најважните отворени прашања“, изјави за медиумите британскиот преговарач Дејвид Фрост.

Најголемата пречка во преговорите се еднаквите услови на пазарот на што инсистира ЕУ. Брисел сака да избегне британските компании да добијат пристап до европскиот пазар, а притоа да ги намалуваат стандардите и да бидат конкуренција на другите.

ЕУ бара и Лондон да се обврзе дека ќе ги почитува европските норми во областа на социјалните права, трудот, заштитата на природната околина, фискалните правила и други прописи. Лондон го отфрла тоа, тврдејќи дека не сака никој однадвор да му ги креира законите и прописите.

„Тие настојуваат да ги задржат истите ползи како земја членка на единствениот пазар, но не сака исти права и обврски“, рече Барние.

„Главната пречка е инсистирањето на ЕУ на ткн ‘еднакви услови’, што земјата би ја врзало за законодавството и стандардите на ЕУ и што би го одредувало домашниот правен режин на досега незабележан начин во договорите за слободна трговија. Штом ЕУ ќе признае дека нема да склучиме договор врз оваа основа, ќе можеме да оствариме напредок“, рече Фрост.

Обединетото Кралство остапи од членството на ЕУ на 31-ви јануари, а според договорот за раздружувањето, преодниот период трае до крајот на годинава. Во текот на преодниот период Лондон мора да ги почитува сите правила на ЕУ како да е членка, единствено што не може да учествува во носењето одлуки.

Имајќи предвид дека за склучувањето на договорот за слободната трговија со кој би се дефинирале идните односи останува многу малку време, и прашање е дали воопшто ќе се успее нешто да се договори, се наметнува прашањето дали Лондон ќе бара продолжување на преодниот период, што е можно според одредбите од договорот за раздужување.

Меѓутоа, владата на британскиот премиер Борис Џонсон од самиот почеток инсистира дека нема да бара продолжување и дека од 1-ви јануари 2021 година Велика Британија ќе биде потполно независна со или без договор со ЕУ. Барањето за продолжување, доколку Лондон се реши на тоа, треба да биде упатено до Брисел најдоцна во јуни.

Аналитичари во ЕУ предупредуваат дека намерите на владата на Џонсон е целата вина за економските тешкотии коишто неминовно ќе дојдат по здравствената криза со пандемијата на коронавирусот, и ако не дојде до договор, да се припише на пандемијата.

Брисел и Лондон имаат дијаметрално различни пристапи јна преговорит. Британската страна сака да склучи повеќе посебни секторски договори, додека ЕУ сака еден сеопфатен договор, бдиејќи смета дека така е полесно да се воспостават механизмите за надлгедување на спроведувањата на договорите.