Не е постигнат договор меѓу Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК), Јаким Неделков, новата рунда преговори во Министерството за образование и наука (МОН), за платите на наставниците вооппшто не се разговарало, туку само за колективниот договор.
Доколку и идната седмица не биде постигнат конечен договор за зголемување на платите, опцијата за активирање на штрајкот останува на маса, предупреди претседателот на синдикатот Јаким Неделков.
Она што генерално е усогласено е околу колективниот договор, но и тоа треба да се допрецизира.
„Имавме средба, преговаравме буквално за сите прашања, усогласивме генерално некои ставови во однос на колективните договори и што се ќе има внатре, меѓутоа не се до крај прецизирани. Треба да бидат потпишани во периодот од 1 до 31 септември. Има некои технички проблеми поради кои мора да започне учебната година за да се реализираат тие одредби од колективниот. Околу зголемување на платите имаше дополнително некои наши предлози како и во кој процент да се зголемат платите. Сепак повторно се обраќаме до Министерство за финансии за анализа и проверка колку средства ќе бидат потребни и конечно околу нова методологија за изработка на плати во која ќе бидат вградени коефициенти на инфлација, пораст на минимална палта, итн. Приближно тоа се точките за кои разговараме, мора веќе да завршиме наредната недела каде јавноста ќе биде запознаена“, изјави Неделков по состаникот во министерството.
Дали штрајкот ќе биде повторно активиран, додаде Неделков, ќе зависи од резултати од преговорите, од препораките кои ќе ги напише посредувачот или помирувачот. Сè е отворено, сè уште не можам да дадам ветувања за една или друга опција. На прашање од новинарите каков напредок конкретно има, Неделков рече дека се разговара за сите конкретни прашања и оти и тоа е некаков напредок со оглед дека повеќе нема ад хок отфрлање на нешто што е неприфатливо за двете страни.
„Се работи за нијанси за кои се разбира ние одиме од нашите интереси максимално, тие од аспект на нивните интереси. Меѓутоа не постои прашање за кое не се разговарало и кое не може да се реши“, рече претседателот на СОНК.
Продолживме со разговорите со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и на почетокот на наредната недела, понеделник или вторник, очекувам да имаме конечен договор, изјави денеска министерот за образование и наука, Јетон Шаќири по новата рунда преговори со делегација на СОНК.
„Во оваа фаза на процесот на преговори, во текот на 20-те дена, се отворија многу дискусии кои се однесуваат и на колективните договори, кои не се потпишани повеќе од десет години и мислам дека ќе има нов колективен договор во наредниот период и кога ќе имаме договор ќе имаме за што да продолжиме со разговори“, нагласи Шаќири.
На новинарско прашање дали ќе се изнајде решение за 18-процентно зголемување на платите на просветните работници како што бара Синдикатот, министерот рече дека ставовите се доближуваат и се разгледуваат сите можности за изнаоѓање решение.
„Затоа од почеток побарав разбирање од СОНК и од наставниците. Ние имаме добра волја за изнаоѓање решение заради тоа што знаеме во која фаза бевме во процесот на донесување на буџет, во која фаза сме во подготовка на буџетот, во која фаза ќе сме во наредниот период после изнаоѓање на средствата на реализација на тој буџет. Мислам дека сме многу блиску за изнаоѓање решение за подобри услови. Не сакам да споменувам процент затоа што овој процес ќе биде подобар и наставниците ќе имаат подобри услови и после потпишување на гранските колективни договори. Сакам ова да е последен штрајк и прекин на наставата, што значи дека можеби во наредниот период ќе имаме потреба за други разговори, но прекин на настава да нема“, истакна Шаќири.
На седница на Владата, потенцираше Шаќири, е донесена одлука која се однесуваше за средните училишта, одлука за тие што завршуваат четврта година.
„Сега заедно со Средношколската унија имаме формирано група после долги години да се разгледа и Законот за средно образование, каде досега се вклучени 24 членови од сите институции, а ќе ги вклучуваме УНИЦЕФ, УНДП, Европската комисија, амбасадите… Оваа одлука за завршување на наставата ја донесовме со консултација со Бирото за развој на образованието. Истовремено, во овој период е побарано мислење од Бирото да најде начин за комуникација со сите основни училишта за тоа до каде е фазата на реализација на програмите на основните училишта и да се разгледа можноста ако може да постигнат наставата да се заврши до предвидениот рок“, додаде Шаќири.
Неделков и претставници на синдикатот вчера беа на преговори и во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во однос на условите и платите за вработените во градинките и како што најавија следната недела, на 17 мај, повторно ќе седнат на преговарачка маса.