И од „Moderna“ најавија доцнење на испораките на вакцината против Covid-19

Американската фармацевтската компанија „Moderna“ потврди дека има доцнење во испораката на нејзината вакцина против Covid-19 надвор од САД, со што се зголемуваат потешкотиите на државите што се обидуваат да ги забрзаат своите кампањи за вакцинација, пренесува во саботата германската новинска агенција DPA.

Компанијата чиешто седиште е во американската сојузна држава во Масачусетс соопшти дека обезбедила ревидирани упатства за краткорочна испорака додека работела на зголемување на производството во нејзината фабрика во Швајцарија.

Неколку европски земји објавија дека „Moderna“ ќе ги намали испораките за 20 проценти во втората недела од февруари.

„Moderna штотуку нѐ извести дека 132.000 дози од планираните 166.000 ќе бидат испорачани во неделата што започнува на 9-ти февруари, што е за 20 отсто помалку“, изјави комесарот на италијанската влада Доменико Аркури.

Во изјавата на „Moderna“ се вели дека го зголемуваат производствениот капацитет, но сѐ уште е во процес на обезбедување на набавките закажани за следните три месеца и исполнување на своите договорни обврски.

Претходно и англо-шведската фармацевтска компанија „AstraZeneca“ и американско-германски фармацевтско-биотехнолошки тандем „Pfizer/BioNTech“ најавија привремено намалување на испораките на нивните вакцини во земјите на Европската унија.