И по 7 часа лидерската средба не успеа: Власта и опозицијата не се договорија за законот за ЈО

Неизвесно е дали ќе продолжат натамошните преговори на работните групи. По 7 часа преговори, власта и опозицијата не најдоа заедничко решение, иако пред средбата беа оптимисти за договор.

Од преговарачките тимови дознаваме дека власта и понудила на опозицијата да има две обвинителства кои би биле исти по ранг, едното да се вика обвинителство за висока корупција и да ги гони именуваните функционери, а шефот на ова обвинителство да го предлага опозицијата, што било неприфатливо за ВМРО ДПМНЕ. Ова обвинителств нема да може да има увид во предметот Рекет. Надлежноста би била времена, и со заштитни механизми при изборот.

Преговарачите не постигнале согласност ниту за статусот на обвинителите.

Во новото обвинителство, било предложено, да влезат сите обвинители од СЈО. Според предлогот на Заев, значи и тоа дека ова ново обвинителство би требало да почне да функционира по парламентарните избори, а тоа значи дека случајот „Рекет“ останува во надлежност на Вилма Русковска од Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Aнтонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и еден од учесниците на вчерашните разговори, на својот фејсбук-профил напиша дека „договор за нов закон за обвинителство можеби и ќе се постигнеше доколку премиерот Заев не беше токолу нервозен во врска со предметот „Рекет”, што не може да прифати ниедно системско решение за висока корупција во кое друг професионален обвинител би имал увид во овој мега-скандал, освен владино-подобната обвинителка Вилма Рускоска. Таквото однесување остава сомнеж дека хиерархијата на соучесници и организатори во „Рекет” е многу повисоко во власта, од улогата која во овој криминал ја имала осомничената Катица Јанева“, напиша Милошоски.

Партиски извори  синоќа од ВМРО-ДПМНЕ брифираа дека копјата се кршат околу напуштањето на механизмите за контрола на обвинителството. Власта ги гуши преговорите, очигледно не сака договор, преговорите се вртат во круг. Преговарачкиот тим на власта разговорите ги враќа на прашања кои се сметале за затворени. Очигледно е дека власта не сака договор, брифираат партиски извори.

Додека на СДСМ брифираше дека Мицкоски побарал предистрагите, истрагите и обвиненијата поведени по 30 јуни 2017 година да запрат како услов за ВМРО-ДПМНЕ да гласа за законот. За Заев и министерката за правда Рената Дескоска ова било неприфатливо затоа што расветлувањето на предметите на СЈО се услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ за Македонија.