И покрај „брзите прсти“ на матичните лекари пак нема термини за вакцинирање против грип

Приватните матичните лекари се жалат дека термините за вакцина за сезонски грип се потрошиле вчера буквално за две минути, но и дека некои воопшто не добиле термини за вакцинирање.

„Почитувани пациенти, матичните доктори во цела Македонија и покрај акцијата брзи прсти, не се во можност да фатат термини за своите пациенти. За две минути ги снемува термините за вакцинација против сезонски грип. Замолуваме или да се пуштат доволен број на вакцини и термини или во спротивно ова е невозможна мисија да се вакцинира цела зима“, реагираше вчера преку својот профил на Фејсбук д-р Лилија Чолакова Дервишива, претседателка на Здружението на приватни матични лекари.

Реагираа и лекарите од Куманово, кои добиле само 50 термини за вакцинирање од грип за цела недела.

– Добивме 50 термини за вакцинирање за сезонски грип за цела недела и уште 50 за здравствени работници, тоа се 100 термини. За Куманово се потребни дневно по 200 вакцинирања. Во Куманово има 100 матични лекари, треба да имаме 10.000 термини за вакцинирање. Добивме само 1.500 вакцини – вели д-р Бранислав Ивановски, од раководството на Здружението на приватните матични лекари, кој потврдува дека за 5 минути од 17.30 до 17.35 ги снемало термините.

Кумановските лекари се лути и револтирани зашто не знаат како да им објаснат на пациентите кои постојано притискаат со прашања, дека нема термини. Ивановски сведочи дека во Куманово има само еден пункт за вакцинирање кој е сместен во стар руиниран гинеколошки објект, и дека за да се стаса дотаму се поминува покрај ковид центар каде секојдневно се изнесуваат починати и се гледаат морбидни сцени.

Лекари од Кавадарци, пак, тврдат дека за овој град воопшто не добиле термини за вакцинирање иако чекале, како што велат, од 16 до 22.30 часот.

– Како да му го објасниш ова на пациентот? Од 16 до 22.30 часот седиме сите пред компјутер, чекаме, фамилијата дома ве чека во петок навечер, и на крај не пуштија термини за Кавадарци. Срамота – реагира една лекарка.

Друг лекар сведочи:

– Во петок во 18 часот се отворија термини за вакцини против грип за Скопје за целата следна недела. Вкупно околу 600 (премалку). Само кај мене на список има над 70 што чекаат. Се пополнија термините за две минути, буквално (кој не верува, нека си го праша кај матичниот лекар.

Лекарите бараат да се изврши притисок врз здравствените власти за да се зголеми бројот на термини, зашто како што велат, со ова темпо луѓето нема да бидат вакцинирани против сезонски грип до пролет.