Очигледно е дека за Грција проблематична не била само историјата и потеклото на современиот македонски народ од древните Македонци, туку Атина покрај завладувањето на најголемиот етно-географски дел на Македонија – Егејскиот или Беломорскиот, има територијални аспирации и на Вардарскиот.
Така, порталот Greek City Times објавува листа на „сто најголеми Грци од скопската област“ и пишува дека „сегашната сотојна и точното население на грчката заедница во Скопје не е позната, бидејќи податоците на владата од пописот во 2002 година не ја отсликуваа реалноста…“ и како „аргумент“ се наведуваат некои имиња кои нешто значеле во Грција а имале потекло од вардарскиот дел на Македонија.
Меѓу нив за чудо е и охриѓанецот Григор Прличев кој е еден од најзначајните претставници на македонската книжевност од XIX век, а кој патем го присвојуваат и историчарите во Бугарија. Веројатно споменатиот грчки интернет портал кој очигледно е ресурс за промоција на великогрчките аспирации и пошироко во регионот смета на тоа што Прличев студирал медицина во Атина и на грчки јазик станува победник на голем атински конкурс со поемата „Сердарот“ пишувана на грчки јазик.
Но како Грците ќе објаснат тоа што Прличев сиот свој живот го посветил на што поширока популаризација на македонското писмо и народен говорен јазик и токму поради тоа наклеветен од грчкиот охридски владика тогашните турски власти го заточуваат во Дебарските зандани. Покрај тоа Прличев во 1872 година ја објавува и грандиозната песна „Во илјада седумстотин шездесет и второ лето“ во која ги прикажува токму грчките хегемонистички аспирации врз Македонија и меѓу другото пее „Ќе прати владици Грци, лицем светци, срцем в’лци/ Ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м’лзат до крв/ Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори…“. Прличев, исто така, е забележан во македонската историографија и како непомирлив борец против Цариградката патријаршија и нејзиното влијание во Македонија.
Меѓутоа, тоа за Грците тоа воопшто не е причина да го вбројат како Грк од просторот кој „сега се нарекува Северна Македонија“ и со низа квази-факти да го кројат „грчкиот карактер“ на македонската територија.