И Швајцарија може да почувствува недостиг од гас

Швајцарската влада не може да гарантира дека плинот ќе го има доволно за сите, изјави министерката за енергетика Симонета Сомаруга, додавајќи дека доколку се јави недостиг, снабдувањето прво ќе им биде намалено на компаниите.

Швајцарија нема излез на море и гасот го набавува на берзите во соседните земји на Европската унија, па и самата е изложена на нарушувањата во снабдувањето кај соседите.

Побарувачката на гасот е релативно ниска во Швајцарија и овој енергенс сочинува околу 15 отсто од вкупната потрошувачка на енергија во земјата. Околу 42 отсто од гасот се користи за затоплување на домаќинствата, а остатокот во индустријата, како и во услужниот и транспортниот сектор, според владините податоци.

Сепак, и покрај тоа, земјата зависи од увозот на нафта и гас.

„Затоа никој не може да гарантира дека секогаш ќе има доволно гас за сите“, вели Сомаруга во разговорот за весникот SonntagsZeitung, објавен во неделата.

Нејзината изјава се надоврзува на планот за снабдување во случај на недостиг од гас за претстојната зима, кој владата го објави минатата седмица, предупредувајќи дека би можела да ја рационализира потрошувачката доколку другите мерки се покажат недоволни.

Доколку се јави недостиг и на гас и на струја, прво ќе биде ограничено снабдувањето на претпријатијата.

На самиот почеток би се ограничила потрошувачката, на пример, за подвижните скалила или неонските реклами, вели Сомаруа, додавајќи дека владата сака „најдолго да ги поштеди домаќинствата“.

Министерката воедно ги повика кантоналните власти повеќе да вложуваат во соларната енергија, биогасот, ветерот и хидроенергијата.