Челниците на Мајами хит завршија одлична работа во изминатите 48 часа, откако по долгогодишниот договор со Горан Драгиќ, успеаја да го задржат во своите редови и најдобриот кошаркар на “жешките”, Двејн Вејд.
Тој најави дека е подготвен да ги разгледа понудите од останатите заинтересирани екипи за неговите услуги, но по разговорите со Мајами реши да ја прифати понудата за едногодишен договор вреден 20 милиони долари. Според американските медиуми, Вејд сакал да почека една година за да види во кој правец се движи тимот, пред да реши дали да се “врзе” долгорочно за единствениот клуб за кој досега настапувал во НБА-лигата.
Од останатите трансфери во НБА, ветеранот Пол Пирс потпиша договор со ЛА клиперс, Монта Елис од Далас маверикс ќе се пресели во Индијана пејсерс, додека најдобриот кошаркар на Портланд, Ламаркус Олдриџ е многу близу до трансфер во Феникс.