Четворица специјализанти, медицинска сестра, и еден шалтерски работник се меѓу новите заразени со морбили, јавува порталот НОВАтв.мк. Еден од специјализантите бил потврден од претходно, а тројцата се нови заболени. Сите заразени со морбили се од Клиниката за детски болести, една медицинска сестра е од Институтот за белодробни заболувања во Козле. Сите имале директен контакт со заболени деца. На Клиниката за инфективни болести потврдија дека здравствените работници биле прегледани таму и дека во моментот се наоѓаат на домашно лекување.
„Сите здравствени работници побараа помош кај нас, прегледани се, на нив е им е пружена медицинска помош и во моментот се наоѓаат на домашно лекување“, изјави за НОВА Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести.
Од кога се проширија морбилите и кај здравствени работници, надлежните одлучиле да се проверуваат вакциналните картони на тие што доаѓаат во контакт со децата. Од Комитетот за имунизација веќе дале препораки да се вакцинираат сите здравствени работници кои доаѓаат во контакт со заболени со морбили.
„Веќе дадовме препораки за вакцинација на здравствените работници кои доаѓаат во контакт со суспектни случаи. Во понеделник Комитетот заседава повторно, по што ќе започне процесот на имунизација“, потврди за НОВА, Александра Гроздановска претседател на Комитетот за имунизација.
Инаку, последен случај на заразен со морбили од овие неколку е здравствен работник од тетовско кој што работи во Скопје. Случајот бил забележан минатиот петок, а лицето сега се наоѓа на домашно лекување.